Во централна и југоисточна Европа живеат стотици илјади Роми во трошни живеалишта - корона катастрофа во најава. Но, наместо да им помогнат на загрозените, владите често ја праќаат полицијата или војската.
За една голема и особено ризична група во Европа во јавноста ретко кој зборува: милиони сиромашни Роми. За многу од нив, особено во средна и југоисточна Европа, наскоро може да има здравствена и хуманитарна катастрофа.
Повеќето од нив живеат во очајни услови и претежно без можности за одржување на хигиената. Покрај тоа многу неформално ангажирани како оние кои собираат пластичен и метален отпад или на улица тргуваат со прехранбени производи, предмети за домаќинството или цвеќиња, сега немаат работа.
Во Европа има околу 12 милиони Роми – тие се најголемото малцинство на континентот. Речиси половина од сите европски Роми живеат во седум централно и југоисточноевропски земји: Чешка, Словачка, Унгарија, Романија, Бугарија, Србија и Македонија.
Таму се наоѓаат и некои од најозлогласените мизерни населби како Луник IX на периферијата на источнословачкиот град Кошице, Столпиново во бугарскиот град Пловдив, Ферентари во романскиот главен град Букурешт или Шуто Оризари во Скопје.
Заедничко на овие и слични населби е дека луѓето таму живеат во голем број на тесен простор. Често семејства од три – четири генерации живеат заедно во една или две соби.
Новата десно-конзервативна национална влада во Словачка во меѓувреме го призна проблемот – но продолжи со сомнителен пристап. Шефот на владата, Игор Матович изјави дека неделава има масовно тестирање на Ромите за коронавирус. Првично се спроведува во 33 населби. Пред сѐ се тестирани луѓе кои неодамна се вратиле од странство, а тестовите ги прават воени лекари во придружба на војници. Во зависност од резултатите на тестирањата, дел од луѓето се испраќаат во државните карантини или цели населби ќе бидат ставени под карантин