Европската Унија ќе му даде на секој мигрант кој е сместен во веќе преполните кампови на грчките острови по 2.000 евра за да се врати во матичната земја, објави комесарката за внатрешни работи на ЕУ, Илва Јохансон, во Атина, по договор со грчката влада.
Таа рече дека опцијата е привремена, ќе трае само еден месец и се однесува за мигрантите што дошле во Грција пред 1 јануари.
Таа наведе дека речиси 5.000 мигранти ги исполнуваат условите за доброволно враќање, јави Би-би-си.
Стотици мигранти и бегалци овој месец со брод стигнаа до грчките острови во близина на Турција зголемувајќи го притисокот врз центрите за прием. Во камповите веќе има повеќе од 37.000 мигранти иако може да примат само 6.000.
Јохансон рече дека седум земји членки на ЕУ се согласиле да прифатат најмалку 1.600 деца без придружба за кои се смета дека се особено ранливи.