Треба да се промени позицијата и статусот на Албанците во Македонија, бидејќи сме население со компактно распространување и голем демографски број. Меѓународните норми, Повелбата на Обединетите Нации и документите на Хелсинки ни даваат право да имаме автономно владеење и да ја имаме Република Илирида, која е израз на волјата на граѓаните – Албанци.
Ова во саботата дебата во Тетово на тема „Република Илирида-фундаментално решение за функционирање на рамноправноста во Македонија“ го изјави Неџат Беџети, претставен како претседател на Движењето Илирида.
Оваа дебата всушност беше најава за формирање на нова политичка партија која планира да учествува на изборите, а „по победата да формираат парламентот на Илирида“, извести од настанот ТВ Клан.
Меѓу учесниците на дебатата беа и Невзат Халили и Милаим Фејзиу, иницијатори на референдумот од 1992 година.