Специјалниот известувач на ОН за малцински прашања, Фернанд де Варен, денеска изрази голема загриженост за состојбата на малцинствата во контекст на руската агресија врз Украина и третманот на малцинствата кои бегаат од конфликтот. Тој ја дава следната изјава:
„Светот е сведок на огромно човечко страдање во Украина. Животите на сите луѓе во Украина се во опасност, вклучувајќи ги етничките, националните, јазичните и верските малцинства. До крајот на 12 март 2022 година, Канцеларијата на Високиот комесаријат за човекови права на ОН регистрираше и потврди 1.663 цивилни жртви или повредени во контекст на вооружениот напад на Русија против Украина: 596 убиени, вклучително и 43 деца; 1.067 повредени, меѓу кои 57 деца. Вистинските жртви се многу поголеми.
Од огромно значење е да се признае дека малцинствата, како што се Ромите, од кои многумина можеби се без документи во Украина, се соочуваат со специфични ранливости во времето на овој конфликт. Ги повикувам сите страни да се погрижат сите малцинства, вклучително и Ромите, да имаат пристап до хуманитарна помош без никаква дискриминација.