Јавноста го гледа корона вирусот како поголема закана за економијата отколку за нивното здравје, покажуваат новите истражувања. Економските мерки за спас на компаниите и работните места што ги преземаат владите не ја намалува ваквата загриженост.
Анкетата на Ипсос во која беа опфатени 10.000 возрасни испитаници во 12 земји и која беше спроведена од 12-14 март, покажува зголемена вознемиреност за личната финансиска изложеност, вклучувајќи го и вработувањето.
За резултатите на истражувањето пишува и Светскиот економски форум на интернет страницата, при што се вели дека перцепцијата за закана за здравјето се зголемува во близина на жариштата и покрај преземените мерки за социјално оддалечување и забраните за патувања ширум светот.
Поголемиот дел од анкетираните во опфатените земји очекуваат последици за нивните лични финансии поради пандемијата на корона вирус, покажуваат резултатите на истражувањето. Најмногу се загрижени во Виетнам, Кина, Индија и во Италија.
Загриженоста за работните места и за деловните активности брзо се зголеми од февруари, особено во Италија, Франција, Велика Британија и во САД. Во овие земји, економските грижи се чини дека пораснале повеќе од загриженоста во врска со нивото на закана од вирусот.
Повеќето земји, вклучително и анкетираните во жариштата, очекуваат работите да се вратат во нормала до јуни. Сепак, траекторија за болеста и потврдените случаи сугерираат дека тоа нема да се случи, заклучува Ипсос.