Речиси во сите земји во светот поради мерките за спречување на ширењето со коронавирусот се загрозени човековите и демократските права, а прашањето што се поставува е како ќе изгледа демократијата по олеснувањето на мерките, дали се ќе се врати на старо, или, пак, некои претходни права ќе се загубат?
Домашните аналитичари сметаат дека тоа зависи од два елемента- капацитетот на властите и желбата за демократско владеење и свесноста на граѓаните за нивните права и нивната желба да си ги бараат.
Според испитувањето на јавното мислење спроведено по барање на американскиот Национален демократски институт НДИ минатиот месец, 4,5 отсто од испитаниците во Македонија сметаат дека најголем проблем се човековите права, демократија и слободата, а пред нив како проблеми ги редат економијата, личниот стандард, криминалот и корупцијата и владеење на правото.
Инаку, олеснување на мерките најавија речиси сите европски држави. Некои пак веќе и почнаа со намалување на рестриктивните мерки што ги воведоа, но и тие исто така влијаеја врз човековите права. Па така, германската канцеларка Ангела Меркел, кога ги објави мерките минатиот месец на германските граѓани им порача дека разбира оти е многу тешко за луѓето да се откажат од „тешко остварените права“ како слободата на движење и патување, но дека тие сега се неопходни за да се спасат животи.