Педесет години од воспоставувањето на 8 април како Меѓународен ден на Ромите, Ромките во Македонија и натаму мака мачат да влезат на пазарот на трудот поради долгогодишната системска дискриминација, заклучуваат од иницијативата „Хера“. Имено, за ова сведочеле и податоците според кои само четири Ромки се вработени на раководни позиции во јавните институции, а на нераководни позиции тие се застапени со само 0,47 отсто од вкупниот број на вработени.-Ова го илустрираат и податоците според кои Иако Шуто Оризари е најголемата општина со ромско население во државата, од вкупно 18 вработени лица во Општината, само осум се Роми. Фрапантен е и податокот дека ниту една Ромка не е вработена во центрите за вработување во државата. Во 30 центри за вработување низ државата, само двајца Роми се вработени и тоа на нераководни работни места, се наведува во сопштението. Додаваат дека од вкупно 7.647 лица кои ги користеле активните мерки и услуги за вработување во текот на 2019 година на национално ниво, само 169 се Ромки, што е крајно поразително ако се има предвид фактот дека 4 632, односно 4,6 отсто од регистрираните невработени лица се Ромки.
Исто така потенцираат дека според Националниот оперативен план, од вкупниот број на регистрирани невработени Ромки на национално ниво, дури 94,88 отсто се без образование или само со основно образование.