Омаловажувачкиот хумор кон етнички групи не е само шега, туку шовинистичко поттикнување предрасуди и негативни стереотипи. Исто како што сексистичките вицови и скечеви за „плавушите“ ја навредуваат интелигенцијата на жените, така и невкусните вицови и скечеви за Ромите, Власите или за Албанците навредуваат, повредуваат и омаловажуваат цели етнички групи.
Во делот на расната основа за говор на омраза, особено подложна е ромската етничка група, за која преку креирање на стереотипи се создаваат предуслови за дехуманизација на истата, односно за градење на слика на расно инфериорна група, што многу често е една од главните причини за насилство и омаловажување. Во овој контекст нудиме неколку примери: Твитовите за припадниците од ромската заедница се објавуваат многу ретко и можат да имат елементи на говор на омраза иако нивна цел е хумор. Најчесто се однесуваат за крадење, нехигена, лажење и слично.
Постојат дури и сајтови кои систематски и организирано пласираат содржини со расна конотација, а истите предизвикуваат говор на омраза. Така можат да се сретнат страници на кои можете да прочитате вицови за „црнци“ и „цигани“. Таква е страницата MKDwarez (види http://mkdwarez.forumotion.com/t337- topic), или vicoteka.mk (види http://www.vicoteka.mk/vicovi/rasistichki/).