Три лица од Струмица се приведени по синоќешната тепачка на улицата Бетовенова, кога е убиен 22-годишниот Абдула Бајрамов, а уште тројца се повредени. Лицата се фатени во Радовиш и Дедели, Валандовско, во утринските часови, откако синоќа со ножеви им нанеле убодни рани на сега починатиот и другите три лица.
„Утрово во Радовиш полицијата ги лиши од слобода М. Ј. (22) и Р. А. (33), а претходно во село Дедели е приведена Ј. Т. (44), сите од Струмица. М. Ј. со остар предмет му нанел повреди на А. Б. (22), кој подоцна починал, додека Р. А. со остар предмет нападнал и повредил други три лица, на кои им е укажана помош во болницата. Во нападот учествувала и Ј. Т., мајката на М. Ј.“, се вели во соопштението на СВР Струмица, додавајќи дека во домовите на лицата се пронајдени предметите со кои е сторено делото.
Според жителите на турското маало во Струмица, тепачката настанала за паркинг место. Станува збор за две семејства кои се во роднинска врска.