Вибке Јудит од организацијата Про Азил раскажуве дека речиси секоја минута пристигнува јавување од Русија . „Луѓето прашуваат како да излезат од земјата. Откако се обзнани делумната мобилизација во Русија, тоа го забележуваме екстремно како на социјалните медиуми, така и во однос на нашите тимови советници", вели Јудит во разговор со ДВ.
Сојузната канцеларија за миграција и бегалци (БАМФ), која е дел од германското Министерство за внатрешни работи, е одговорна за барањата за азил во Германија. На барање на ДВ ни одговорија дека во тековната година речиси и да нема регистрирано зголемен број барања за азил од руски граѓани, споредено со претходната година. Досега имало околу 1.800 барања за азил, додека во 2021 околу 2.300. Ниту војната против Украина која започна во февруари, не придонела да се зголеми бројот на баратели на азил.
Максимилијан Кал, портпарол на германското МВР, изјави дека практиката на донесување одлуки на БАМФ во однос на барателите на азил од Русија е променета од април и дека „по правило, одбивањето да се служи воен рок е причина за заштита“. Покрај тоа, по рускиот напад врз Украина во февруари, 438 руски државјани се примени на хуманитарна основа. Тука спаѓаат членовите на опозицијата или новинари.
Link: https://www.dw.com/mk/azil-za-ruski-dezerteri-vo-germanija/a-63238901