ФБ стасус на Јована Јаневска: Името ми е Идриз

Презимето ми е неважно, нечујно, незначајно, изгубено некаде помеѓу важноста на идентитетот и неважноста на моето лично постоење. Ниту сум го слушал, ниту пак некогаш сум го вежбал пишувањето на моето презиме.
Кому му е важно името кое го сакала мојата мајка или презимето, единственото нешто кое можел да ми го пружи татко ми?
Децата како мене се сенки во образовните институции, во здравствениот систем сме можеби и проблем. На сите други хартии сме само дел од една бројка, од една статистика, од една нецела целина наречена ранлива категорија. И тука има една вечна и исто толку долго закржлавена борба за наша инклузија, за наше вклучување во општеството. 
А ние сме толку присутни, пред вашите очи, под вашите нозе, во вашите раце.

Никогаш не сум припаѓал некому. Не сум имал семејство налик на семејствата од големите билборди на Скопје, од оние каде сите се среќни на заедничка празнична трпеза. Од раѓање и припаѓам на улицата. До душа и таа ми припаѓа мене. Никој преку неа не ме пренел држејќи ме за рака, велејќи ми да внимавам гледајќи лево, па гледајќи десно. Никој не ми го објаснил значењето на боите на семафорот. 
Се научив сам. 
Дека црвеното светло е за борба, а зеленото за повлекување.

Сите квартови се мои. Сите ќошеви во кои се кријам од силеџии, сите мостови под кои во џебови ја кријам вашата милостина, сите раскрсници на кои ви свирам, удирајќи по тарабуката со последните сили, гладот и студот. 
Но, ние ромите плачеме низ насмев. 
Нашата тага не е како вашата. 
Нашата тага е силна, борбена, музикална. Нашата тага е уметност.
Нашата тага е само наша.

Имам многу другари. Најголемиот дел од нив се кучиња со кои го делам денот и лебот, ноќта и улицата. Никогаш не ме напуштаат. Понекогаш заедно бегаме од дождот, понекогаш јадеме ѓевреци во паркот.

Вашата љубов е дволична. Вашата љубов има двојни стандарди. Вие не љубите, вие лажете. Тврдите дека ги сакате децата, поддржувате детски амбасади и здруженија за детски права, а ги газите децата роми кои ви стојат на патот во автобусот. Не седнувате до нас, не ги допирате металните држачи кои ги допреле нашите раце. Плачете на приказната за девојчето со кибритчињата, а ги игнорирате девојчињата-роми чии смрзнати рачиња ве влечат за капутот. Се сликате со дебелите чичковци на плоштадот облечени во костимот на Дедо Мраз, кои го галат вашето дете, а ги шутираат моите другари.

Би ви се извинил за грешките кои се повеќе туѓи и системски одколку мои. 
Ние децата грешиме зарем не?
Но, чинам вашата попустливост за нас е затегната.
Колку пати ме исфрливте од автобусот затоа што немав билет?
Зошто не ги исфрлате и децата кои се возат со сопствената мајка, кои исто така не плаќаат за возењето?
Колку пати добив ќотек кога сакав скришум да влезам во вашиот локал, да продадам паломи или влажни марамици и притоа накратко да се згреам сред декемвриска ноќ?
Ги тепате ли и децата кога на организиран хепенинг пробуваат да ви продадат нешто за ситни парички?
И зошто децата во светот заспиваат во десет часот, а јас буден ви свирам до два по полноќ, како би ја стишил гладта која не ми дава да заспијам?

Понекогаш сакам да знам што очекувате од нас.
Посакувате ли да сме невидливи?
Сакате ли да се однесуваме прописно и правилно?
Ни дадовте ли шанса за тоа?
Не научивте ли што значи сигурност, што значи топлина, што значи внимание, а што љубезност?
Освен живеење со стравот од вашиот поглед кој омаловажува и плаши, не можев да научам многу. 

Името ми е Идриз.
Душата ми е ромска. Ја раздавам низ насмев.
На коскиве носам печати од туѓи ѓонови.
Јакнава не е моја.
Во очиве носам итрина, искалена и препечена. Вие ја нарекувате улична, јас ја викам опстанок.
Во градиве носам срце кое чувствува, исто како вашето, исто како на секое ромче кое утре ќе ви го побара остатокот од еклерот или десетте денари.
Името ми е Идриз,
презимето ми е неважно.

Посветено на детето кое беше претепано од страна на тројца возрасни мажи во центарот на Скопје.
Посветено на детето кое беше претепано во автобусот дваесет и два од страна на стара жена.
Посветено на сите дечиња чии права не постојат за да би биле нарушени

 

Link: https://www.facebook.com/notes/%D1%98%D0%BE%D0%B2%D0%B0%D0%BD%D0%B0-%D1%98%D0%B0%D0%BD%D0%B5%D0%B2%D1%81%D0%BA%D0%B0/%D0%B8%D0%BC%D0%B5%D1%82%D0%BE-%D0%BC%D0%B8-%D0%B5-%D0%B8%D0%B4%D1%80%D0%B8%D0%B7/3169039629792009/

 

Pin It
FaLang translation system by Faboba

Од 5 Ноември 2022 достапен документарниот филм на СП БТР „Небо, Точак, Земја„ на Max TV и Max TV GO со пребарување –Видеотека

Сакам да речам

6-to Romano Čhavorikanoo muzikakoro festivali 
„Čhavorikano Suno 2022“ – SP BTR

6-ти Ромски Детски музички фестивал
„Детски Сон 2022„ – СП БТР

6th Romani Children's Music Festival
"Children's Dream 2022" - SP BTR

Momentalno Online

Имаме присутни 198 посетители кои го читаат ROMATIMES.NEWS

o Vakti

 booked.net

Најпопуларни

Golden Wheel - Entry Application Form

Flag Counter

Нашиот бројач брои од 13.01.2019
Брои исти посетители од кои земји го гледаат нашиот портал
Најдоле има вкупно колку е посетен порталот