Предрасуди, напади, шиканирање, постојани закани за протерување од земјата - многу млади Роми и Синти во Германија живеат под голем психолошки притисок. Справувањето со тоа не е лесно.
Уште во основно училиште Ангела била напаѓана и физички и со псовки. „Имаше ученици кои погрдно ме нарекуваа 'циганка', ме тепаа, ми ги земаа парите и храната. Тоа многу ме погодуваше", се присетува 25 годишната Ромка на своите први училишни денови во Келн.
Слично искуство имал и Емануел кој одел во основно училиште во Романија. „Мајка ми секогаш ми ја переше облеката за да бидам чист. Но, ништо не помагаше. За останатите секогаш бев 'валкан'. Поради тоа никој не сакаше да седи до мене."
Ваквите понижувања продолжуваат и подоцна низ животот, на пример кога се бара работа или стан. Сето ова остава тешки последици врз нивното психичко здравје и самодовербата. „Многу млади го кријат својот идентитет поради дискриминацијата на која биле изложени“, вели Мерџан Јакупов, извршен директор на организацијата на Роми за млади Амаро дром (Наш пат) од Берлин.
Ова е една од најважните теми со кои се занимава организацијата. „Тие мора да сфатат зошто сето тоа се случува за да може да се справат со истото и да го надминат."
Link: https://www.dw.com/mk/%D1%80%D0%BE%D0%BC%D0%B8%D1%82%D0%B5-%D0%B2%D0%BE-