Настанот кој се случи пред два дена во Ченто има политичка позадина и МВР е решено да постапува неселективно во однос на сите што поттикнуваат или не го почитуваат полицискиот час, изјави вчера на прес-конференција, министерот за внатрешни работи Наќе Чулев.
Тој подетално се осврна на протестот на стотина граѓани од скопско Ченто, кои за време на полицискиот час се собраа да протестираат против приведувањето на три лица, кои, според полицијата, не ја почитувале одлуката за ограничено движење донесена како мерка за заштита од коронавирусот.
„Политичката позадина не го оправдува ова поведение и зборува за тендензиозно загрозување на граѓаните предизвикано од политички побуди. Граѓаните свесно се изложија себеси на ризик што може сите нас скапо да не чини“, изјави Чулев.