Патниците кои пристигнуваат во Германија од високо ризични земји ќе мора да прифатат да бидат тестирани на германските аеродроми. Секој кој ќе сака да влезе во Германија од земја која се смета за високо-ризична во однос на коронавирусот би можел да се соочи со тестирање на Ковид-19 при самото пристигнување на аеродром, одлучи германскиот министер за здравство.
Северна Македонија, на пример, се смета за високо-ризична земја, и новата мерка, ќе ги опфати и македонските државјани. Дополнително, мерката ќе важи и за германски државјани кои се враќаат од одмор од ризични земји.
Аеродромите се загрижени поради предлогот и бараат од властите тие самите да го вршат тестирањето, а не тоа да им се препушта на аеродромските службеници.
„Доколку здравствените власти нарачаат брз тест, од било каков вид, тогаш самите нека си го спроведуваат“, се наведува во соопштение од германското Здружение на аеродроми.
„Потоа мора да се донесе одлука и како ќе се постапува со патници кои се позитивни на тестот“.
Баварскиот премиер Маркус Зедер во неделата најави дека властите во таа покраина работат на инсталирање на центри за тестирање на аеродромите во кои „секој ќе може да се тестира бесплатно во секое време“.