Европската унија како услов го поставува пописот пред отпочнување на преговорите
Владата повторно го испраќа предлог Законот за попис во собраниска процедура, со надеж дека Македонија по 18 години конечно ќе се преброи. Очекувањата се дека статистичката операција би се извела најдоцна во април наредната година, а токму ова прашање било и дел од коалицискиот договор на владејачките партии.
Првиот човек на Државниот завод за статистика, Апостол Симовски вели дека институцијата е веќе одамна подготвена да го спроведе пописот, бидејќи, како што вели, тој претставува обврска, како кон граѓаните, така и кон државата.
– Пописот е прв приоритет и од страна на Брисел и се надевам дека законот што поскоро ќе добие зелено светло во Собранието. Спроведувањето на пописот е бенчмарк, односно де јуре и де факто услов за отворање на кластерот посветен на правдата во преговорите со ЕУ, бидејќи во него, како поглавје 18 е токму статистиката, како и делот за правосудството, т.е. поглавјето 23 со кое ќе стартува преговорачкиот процес, изјави директорот на Заводот за статистика, Симовски.