Шведска и Данска планираат да воведат дигитален ковид-пасош за вакцинираните, и на тој начин да го олеснат, меѓу другото, патувањето, објави Дојче веле.
Шведска досега беше позната по својот „специјален пат“ во пандемијата на коронавирусот. Наместо локдаун и рестрикции, како во другите европски земји, Швеѓаните прво одеа кон т.н. имунитет на стадо, а подоцна се потпираа врз разумот на луѓето. Таквиот однос во пандемијата беше мета на многу критики, особено поради високиот број инфицирани. Според универзитетот „Џонс Хопкинс“, во Шведска досега со коронавирус се заразиле повеќе од 600.000 луѓе.
Сега земјата, заедно со Данска, повторно тргнува на специјален пат и сака до лето да воведе дигитален пасош за имунизација, пишува ДВ.
Шведскиот министер за дигитален развој Андерс Игеман објасни дека во прва линија станува збор за тоа на едноставен начин да се докаже дека лицето е вакцинирано. Такви докази би можеле во иднина да бидат важни, на пример, при патување во други земји, или на културни и спортски манифестации. Дигиталната инфраструктура за пасошот за вакцинација би требало да е подготвена до 1 јуни, а во подготовките учествуваат повеќе институции.