Министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска учествуваше на онлајн Форумот за Западен Балкан: Дијалог на високо ниво за социо-економското влијание на пандемијата врз ранливите Роми во Западен Балкан и Турција. Коорганизатори на форумот се Европската комисија, Светска банка, Совет на Европа и УНДП, а учествуваа претставници на овие институции и министри од земјите од Западен Балкан.
Шахпаска, како што соопшти ресорното министерство, посочи дека Владата и Министерство за труд и социјална политика имаат заедничка цел – еднакво општество за сите. Сите мерки и секоја политика, додаде таа, е креирана во насока на овозможување еднаква шанса за сите, со посебен акцент на најранливите категории на граѓани, како што се Ромите, со цел да добијат еднаква можност за напредок и интеграција во општеството.
-Ромите се дел од сите владини мерки кои што беа донесени со цел справување со кризата предизвикана од пандемијата со КОВИД 19. Конкретно со последниот петти пакет антикризни мерки се предвидува финансиска поддршка за Роми претприемачи преку креирање „Мечинг фонд за претприемништво за Роми”. Вредноста за оваа мерка е 123 милиони денари за 2021 година, а пред сѐ е наменета за микро и мали компании коишто имаат ризици во работењето. Исто така, намерата е голем дел од оваа ранлива категорија граѓани да добие финансиска поддршка со цел формализирање на нивната дејност, истакна Шахпаска.