Повик за мобилизација ги разбуди утринава руските резервисти. Во ретките телевизиски обраќања до нацијата, рускиот претседател Владимир Путин им порача дека за неговата специјална операција во Украина потребна е делумна мобилизација. Триста илјади војници се неопходни за да се одбрани татковината од Украина, им рече Путин.
Руското движење „Весна“ (Пролет) повика на серуски протест против мобилизацијата што ја најави претседателот Владимир Путин.
Активистите ги повикаа граѓаните да се соберат во 19 часот на 21 септември во центарот на нивните градови.
„Илјадници Руси – нашите татковци, браќа и сопрузи – ќе бидат фрлени во мелница за месо на војната. За што ќе умрат? За што ќе леат солзи мајките и децата?“ се вели во апелот на движењето. „Весна“ ги повика руските војници да одбијат да учествуваат во војната и да се предадат додека не стапат на сила амандманите усвоени од Дума, со кои тоа е кривично дело.
Билетите за летовите од Русија брзо се распродадоа откако претседателот Владимир Путин нареди итна мобилизација на 300.000 резервисти, пренесува британската агенција Ројтерс.
Податоците на „Google Trends“ покажуваат скок во пребарувањата за „Aviasales“, најпопуларната веб-страница во Русија за купување билети за летови.
Директните летови од Москва до Истанбул, Турција и Ереван, Ерменија, двете дестинации што им овозможуваат на Русите да влезат без визи, според „Aviasales“, биле распродадени, а некои летови за поврзување, вклучувајќи ги и оние од Москва до Тбилиси, исто така биле недостапни.
Најевтините летови од главниот град на Русија до Дубаи чинат повеќе од 300.000 рубли (5.000 евра).