Листата е објавена на веб-страницата kupuvamdomasno.gov.mk, а направена е врз основа на податоците од Управата за јавни приходи, Агенцијата за вработување, електронските дневници во средните училишта и податоците од државните универзитети.
Граѓаните што имаат право на државна помош се поделени во четири групи.
Во првата група се 115.927 граѓани, кои треба да добијат по 9.000 денари на картичката. Тоа се граѓани со низок доход, приматели на социјална помош и невработени, кои се активни баратели на работа регистрирани во Агенцијата за вработување до 22 мај и лани не оствариле доход поголем од 180.000 денари, а во првите четири месеци од годината немаат примања поголеми од 60.000 денари.
Во втората група се вработени со ниски плати. На листата се вкупно 117.144 лица. Тие ќе добијат по 3.000 денари еднократна помош, а ќе добијат и ваучер за туризам од 6.000 денари.
Третата група се млади со наполнети 16 години, не постари од 29 години, активни ученици или студенти на државните универзитети. Тие ќе добијат платежна картичка со три илјади денари, а на листата се ставени 87.014 лица.
Во четвртата група се 4.934 здравствени работници, кои како награда за лекување на заболените од коронавирусот ќе добијат 40 отсто од платата.
Картичките се печатат и до крајот на неделава треба да почне нивното доставување. Тие треба да им бидат доставени на корисниците најдоцна до 18 јули, а средствата треба да се искористат најдоцна до 15 август.