Улицата “Џон Кенеди“ во Чаир ќе се поврзува со Пластичарска. Планот е да излезе кај амбасадата на САД на Кале. Град Скопје започна постапка за подготовка на проект за нова улица која ќе минува низ ромското маало - Топаана.
Проектот предвидува улицата да има 4 коловозни ленти, по две во секој правец. За реализација градските власти треба да урне и да изврши експропријација на неколку куќи.
Ромите од Топаана реагираат и се против овој план напоменувајќи дека ова маало е најстаро Ромско маало во Европа.
„Топаана постои одамна, ние сме стари скопјани, нема да дозволиме тоа да се случи. Ќе почнеме со штрајк. Овој дел никој не го гледа, за Топаана никој не се грижи“, реагираат жителите.
Проектот предвидува работните активности да почнат кај што се вкрстуваат улиците Џон Кенеди и Македонска- Косовска бригада до булеварот Никола Карев. Жителите беа малку информирани за овој проект кој се очекува да почне со реализација следната година.