Antigypsyism

16 Мај - Ден на отпорот на ромскиот народ против нацистичка Германија

На денешен ден се бележи 79 години од Востанието на ромскиот народ како уште една жртва и мета на нацизмот за која многу малку се зборува во јавноста. На 15 Мај највисоката команда на нацистичката полиција носи одлука да бидат убиени сите затвореници во таканаречениот „цигански камп”, со цел да се ослободи простор за транспорт на Евреи од Унгарија. Ноќта на 16 Мај 1944 година, околу 6000 Роми од концентрациониот логор Аушвиц-Биркенау, соочени со истребување, се кренале во очајнички обид да ги спасат своите животи и да се ѝ спротистават на германската СС.

Востанието Ромите го креваат со импровизирано оружје, борејќи се против војниците со камења, железни цевки, дрвени панели, бодликава жица и шверцувани штици. Успеале да одбијат напад од стотина германски војници. Успеваат истребувањето да го одложат. Следниот ден германската војска, регрупирана и тешко вооружена, го загушуваат востанието. Половина од 6000 притвореници биле испратени во други логори, а остатокот биле убиени на 2 август.

Меѓутоа, ваквите форми на отпор во голема мера не се спомнуваат, ниту пак соодветно се обележуваат во денешните комеморации посветени на борбата против фашизмот. Во изминативе години започнаа да се јавуваат иницијативи од страна на ромски активисти, потсетувајќи на историскиот отпор на ромскиот народ во бруталните нацистички логори и (по примерот на други движења) актуелизирајќи ја темата за репарации за изминатотото и актуелното расистичко насилство.

Сепак мора да се констатира неуспехот на модерна Европа во однос на холокаустот врз Ромите. Различни програми усвоени низ годините за репарација на жртвите од холокаустот предвидуваат паричен надоместок на одредени групи, како што се Јеховините сведоци, лицата со посебни потреби и ЛГБТ жртвите – од кои некои ги вклучуваат Ромите. Но, сѐ уште не се усвоени програми за репарации исклучиво за ромските жртви.

16 Мај е ден за комеморација за отпорот на Ромите, помалку познатата и заборавена мета на расистичката политика на нацистичка Германија.

 

Колумна на Надир Реџепи: Сенки на заборавените: Мистичноста на ромските политички партии во Македонија и зошто треба да имаме една изборна единица

Во огромниот пејсаж на интригите на македонската политика, каде што моќта се менува како ветровите на Вардарецот, една фракција останува енигма додека се крие во сенките на политичкото бојно поле. Ромските политички партии, кои произлегуваат од длабочината на општествената негрижа, одиграа необична улога во шарениот демократски килим на нацијата. Три децении демократија беа сведоци на нивниот успон, нивните сојузи, нивните ветувања, за да сепак нивното влијание остане неостварливо како шепот во дворот на Железниот престол. Предводени од самоизбрани водачи, лишени од јасни идеологии и визија, овие партии се претворија во обични фусноти во аналите на моќта, засенети од громогласната какофонија на мејнстрим политиката.

Се вели дека политиката е танц, сложена мрежа од сојузи и предавства, каде што лојалноста е непостојана, слично како што се менуваат плимата и осеката. Во царството на ромските политички партии, овој танц добива посебен шмек. Со години, тие бараат утеха во прегратките на мејнстрим партиите, формирајќи вазални коалиции кои ветуваат единство, но не даваат ништо освен просечност. Бројот на овие партии, како печурки што никнуваат по ноќен дожд, растеше со секои изминати избори. Сепак, нивната моќ остана без заби, слично како на новородениот змеј. Тие се само пиони во големата игра, нивните гласови се удавени среде вревата на нивните наводни сојузници. Овие коалиции, создадени во лонецот на умесноста, најчесто се распаѓаат толку брзо како што по првата брачна ноќ пропаѓа бракот без љубов.

Човек очекува овие самоназначени лидери да бидат храбри шампиони на својот народ, а нивните гласови да ечат низ коридорите на моќта. За жал, ваквите очекувања се исполнети со голема тишина. Овие политички фигури, без огнот во крвта што поттикнуваат вистинското лидерство, се чини дека се обични сенки, кои се задржуваат на периферијата на јавните дебати. Критичкото размислување, оружје остро како прекален челик, е редок квалитет меѓу овие лидери. Нивните визии, слични на шепотењата на старите богови, се обвиткани во нејаснотија и без суштина. Тие шетаат по ходниците на моќта, како бразди кои бараат цел, но нивната цел останува неостварлива, изгубена во длабочините на политичките игри.

Во доменот на политиката, ветувањата се толку чести исто како и лагите што произлегуваат од лукавиот јазик. На ромските политички партии, се чини, не им е непозната оваа игра на измама. Нивните ветувања исчезнуваат во воздух исто како што песокот прилизнува низ прстите. Електоратот, секогаш во надеж, копнее за промени, но утехата ја наоѓа само во горката прегратка на разочарувањето. Овие партии, со своите скромни почетоци и возвишени аспирации, не успеаја да ги исполнат надежите на своите гласачи. Патиштата во ромските населби останаа неасфалтирани, ромските ученици учат во сегрегирани училишта, оние во обичните школи седат на последната клупа во класот, а мостовите кон посветла иднина останаа скршени како соништата на паднат витез. Ромите, заборавени од општеството и напуштени од нивните самоизбрани лидери, стојат на ивицата на очајот.

Како што секојдневно заоѓа сонцето на македонскиот политички пејсаж, сенките на ромските политички партии се се подолги, се протегаат низ срцата на дискриминираниот народ. Нивните вазални коалиции, лишени од моќ, не нудат ништо друго освен лажна фатаморгана на единство. Нивното пригушено присуство во јавните дебати остава празнина, тишина која одекнува во плачот на запоставената заедница. Во ова царство на неисполнети ветувања и уништени соништа, ромските политички партии стојат како цврст доказ за кревкоста на демократијата. Потрагата по моќ, се чини, ја замати нивната визија, правејќи ги импотентни пред вистинската промена.

***

За да бидам појасен, во продолжение пишувам без метафори. Ромските политички партии во Македонија отсекогаш беа енигма за ромската и мнозинската популација. Нивната идеолошка енигматичност во изминатите години се претвори во тивка и незабележана мистичност во јавниот простор, непостојаност во остварувањето на интересите на ромската популација и евтин теснопартиски опортунизам при коалицирањето со СДСМ и ВМРО. Јас не милувам јавно да ги критикувам нашите ромски партии затоа што знам колку им е тешко да ја организираат и мобилизираат ромската заедница, а уште потешко да соработуваат и градат политичко партнерство со мнозинските партии. Секоја јавна критика ги прави ранливи и послаби пред нивниот електорат и пошироката јавност. Сепак тука мора да направам исклучок поради нивното молчење и сеирџиска пасивност во однос повиците на Националната Платформа на Ромите за заеднички настап за колективните интереси на Ромите во Македонија. Додатно ме поттикна нивниот молк во јавната дебата за воведување на една изборна единица на следните парламентарни избори затоа што верувам дека треба да се артикулираат интересите на ромската популација во интерес на подобрување на демократијата во општеството. Се обидувам подолго време да најдам јавно изразено мислење или став, макар на една ромска партија, по ова прашање. За жал обидите се безуспешни. Згора на тоа ромските интелектуалци и граѓански организации не се вклучени, ниту поканети во јавните дебати, така што процесот на маргинализирање на Ромите во ова општество се комплетира, од економски, социјален и културен, па сега и на политички план. Ако не се слушне гласот на ромските партии и интелектуалци во овие значајни процеси на менување во изборниот модел, Уставот, скринингот и преговорите за членство во ЕУ, секоја следна фаза на политичка и граѓанска партиципација ќе биде безсмислена.

 „И јас би играл така“ – како што вели Игор Џамбазов – кога би бил на местото на мнозинските партии, затоа што нашите политички партии отсекогаш беа резервни играчи и чекаа некој да се смилува давајќи им простор да играат десетина минути на крајот од играта. Имавме неколку поединци кои играа од самиот почеток на играта (на власта), ама за жал играа без топка или пак не знаеја да играат според валканите правила на големите партии. Оние кои брзо научија да играат против правилата на играта, исто така брзо се изморија поради немање на кондиција за манипулирање, и до некој степен наивна заслепеност од незаслужено стекнатата моќ во власта. За да не претерам со анализирање на минатото однесување и резонирање на нашите политички елити, сакам да се вратам на темата и поводот зошто го пишувам овој текст.

Нашето општество наголемо расправа за воведувањето на една изборна единица наместо сегашните шест единици. Воведувањето на една изборна единица во Македонија, наспроти сегашните шест, може да биде нож со две острици во однос на иднината на нашата демократија. Како за секоја јавна дебата во нашето општество, така и за оваа тема коментарите се црно бели, односно партиите и „независните“ експерти се за или против промените на изборниот модел на следните парламентарни избори. Ова е прилично долга дебата, пред се водена меѓу политичките партии, придружена од политички аналитичари и граѓански организации, во кој недостига критичкиот став и предлози на обичниот гласач. Ова е исто така тешка и неплодна дебата поради политичката култура фокусирана на простата борба за моќ и привилегии кои доаѓаат со моќта. На политичката сцена секогаш главната улога ја играат „големите 4 (2+2) партии“, додека малите, по број многу, партии гравитираат кон „големите властоносци“ во сите можни комбинации на коалицирање со левата или десната страна. 

За некого е важно да се разгледаат различните аргументи на помалите партии, вклучувајќи ги и партиите на етничките малцинства, во врска со потенцијалните придобивки од оваа промена. Најгласни се помалите партии и партиите на етничките малцинства, верувајќи дека нивните мали по број гласови се важни за формирањето на идното владеечко мнозинство, па сакаат да ја искористат приликата за подобро позиционирање на следните избори. Сепак, тие имаат различни аргументи при артикулирањето на една изборна единица. Некои партии оправдуваат дека промената  е потребна за да се демократизира политичкиот систем и даде простор за отворени листи за пратеници, други партии инсистираат на резервирани места за немнозинските заедници, трети предлагаат една изборна единица без изборен праг за да се зголеми пропорционалната застапеност на партиите во Собранието, итн.

Големите партии пак, кои наизменично се менуваат во седењето на столчето на власта, не се толку заинтересирани за суштински промени на изборниот модел, и зависно од тоа дали се позиција или опозиција, даваат популистички изјави како флерт кон помалите партии за да го зголемат коалициониот капацитет. Всушност, мора да признаеме дека големите партии се многу итри и искусни во три-децениското водење на овој народ, така да е многу сигурно дека тие нема да ја сечат гранката на која седат, или поточно кажано немаат мотив да ги искоренат корените на владеење со државата преку лаги, страв, манипулации и корупција.

Некаде во средината помеѓу овие две крајности е анализата на Институтот за демократија – Социетас Цивилис – кој тврди дека сегашниот изборен модел е еден од најпропорционалните во Европа. Во нивната анализа дебатата се однесува на повеќе параметри на изборниот закон и не се задржува само на бројот на изборни единици и колку партии ќе влезат со свои пратеници во Собранието, туку и земање во предвид на изборниот праг и бројот на гласачи во изборната единица во комбинација со Д’Онтовата формула, која во нашиот случај е многу рестриктивна кон помалите партии за влез во Собранието. Главната поента на оваа анализа потсетува дека и покрај добрата пропорционална застапеност на партиите според глава на жител, политичките партии повеќе ги застапуваат интересите на партиите и бизнис елитите отколку на граѓаните. Македонските граѓани треба да поддржат модел во кој нивните интереси ќе бидат приоритетни за избраните пратеници. Втората важна поента е дека секој изборен модел стреми да обезбеди стабилна власт во која е пожелно да има помал број на различни партии. Од досегашното искуство на македонското општество, втората поента или цел нема многу значење затоа што секоја стабилна влада со мнозински монопол во Собранието била диктаторска и насилна кон своите граѓани. И обратно, тесното мнозинство и немањето на доволно стабилна и одлучувачка моќ на власта, како тековната, исто така генерира хаос во институциите, неконтролирана масовна корупција на сите нивоа во јавниот живот и обесправеност на обичниот гласач.

Повремено провејуваат предлози и идеи за позајмување на изборни модели од соседството и развиените демократии, во кои површно се проценуваат можните опции за реплицирање на истите кај нас. Ромите во Македонија треба да се против позајмувањето на модели од другите земји затоа што секое општество има свои специфики во уредувањето и развојот на демократијата. Во тоа противење, сите ромски партии и интелектуалци треба јасно да укажат на сегашните аномалии на изборниот модел и предложат модел за кој веруваат дека ќе ја подобри политичката партиципација на Ромите.

Прво, главен основ за секој изборен модел е бројот на гласачи. Во нашиот случај, ромскиот електорат е раштркан низ цела држава и како таков е подложен на константна мајоризација, било тоа во една или во шест изборни единици. Математиката е јасна и нема простор за политички инжинеринг на ромскиот гласачки електорат. За да има фер и демократски натпревар, ромските политички кандидати треба да се натпреваруваат меѓусебно за да добијат мнозинство од ромските гласови. Во етнички поставениот изборен модел, очигледно е дека секоја етничка заедница очекува да добие гласови од својата заедница, што значи калкулациите се врз основа на бројот на гласачи според пописните резултати.

Второ, Ромите и немнозинските заедници треба да гласаат во една изборна единица во која секоја заедница ќе има отворена листа на гласачи, без изборен праг. Собранието треба да има резервирани места за немнозинските заедници согласно нивниот процент од последниот Попис. Ова значи дека Ромите би имале 2 до 3 резервирани места во Собранието а отворената листа на кандидати да биде независна од интересите на големите партии.

Трето, концентрацијата на гласовите на немнозинските заедници во една изборна единица, вклучително и ромската,  со текот на времето ќе донесе нови и квалитетни политичари на сцената и вистински демократски натпревар меѓу кандидатите на немнозинските заедници. Во досегашниот модел Ромите и останатите помали заедници немаа избор ниту можност да одберат кој е подобар, туку едноставно мораа да гласат за единствената опција, според диктатот и интересите на големите партии. Ова не е ништо различно од политичкиот монопол и пракса на претходниот политички систем.

Четврто, секој граѓанин од било која етничка заедница да има избор да гласа на мнозинска или малцинска листа на кандидати. Тоа значи дека секој граѓанин има право да гласа само на една листа на кандидати на ниво на државата (една изборна единица). Во нашиот случај, ромите ќе имаат можност да си ги одберат своите претставници во Собранието, и зависно од нивните предизборни ветувања, ќе имаат мандат да бидат независни или пак да имаат пост-изборно коалицирање со другите парламентарни групи.

Важно е да се напомене дека политичкиот контекст на секоја земја е единствен, а успехот или неуспехот на одреден изборен модел зависи од многу фактори. Имајќи ги предвид специфичните околности и аспирации на Македонија за фер застапеност и политичка стабилност, би било клучно да се анализираат потенцијалните бенефити во согласност со нашите ромски интереси, права и обврски како граѓани на оваа држава и редовно бидеме дел од консултациите со релевантните учесници со цел усвојување на најсоодветниот изборен систем за земјата.

Мај 2023

Link:https://4rrr.wordpress.com/2023/05/14/%d1%81%d0%b5%d0%bd%d0%ba%d0%b8-%d0%bd%d0%b0-%d0%b7%d0%b0%d0%b1%d0%be%d1%80%d0%b0%d0%b2%d0%b5%d0%bd%d0%b8%d1%82%d0%b5-%d0%bc%d0%b8%d1%81%d1%82%d0%b8%d1%87%d0%bd%d0%be%d1%81%d1%82%d0%b0-%d0%bd%d0%b0/

Историја: Планови за создавање држава за Ромите: Кралевите на Ромите

Во 1937 година Јануш беше избран за крал на Ромите во Полска и на стадион полн со луѓе изјави: „Ќе испратам делегат кај Мусолини да го замолам да ни даде парче земја во Абисинија за населување на Ромите. На нашиот народ му е доста од талкање низ вековите и време е да заврши нашиот номадски живот. Наскоро нашиот претставник ќе биде во Лигата на нации“

Ова беше дел од напорите да се создаде татковина за Ромите на почетокот на 20 век, слична на (С)ционизмот. И двете групи беа прогонувани во својата татковина, организираа меѓународни конференции за обединување на својот народ и бараа странска поддршка. Исто така, на почетокот на 20 век се водеше дебата за тоа каде треба да биде татковината. Во случајот на (С)ционизмот, некои христијански водачи сакаа да создадат еврејска држава во Мадагаскар, Британска Гвајана или дури и Уганда. Истото беше случај и со Ромите кои се надеваа дека ќе имаат татковина, но каде ќе биде таа татковина беше отворено за дебата. Можеше да биде Абисинија, а некои веруваа дека се по потекло од Индија, па некаде на Ганг би било најдобро. Потоа, Јужна Африка, па дури и Египет станаа популарни избори. Во Абисинија, Мусолини размислувал и за создавање еврејска држава, па овие две групи често се испреплетувале.

Меѓутоа, во 20 век, Првата светска војна предизвика големи промени во политиката на Ромите. Новоформираните или обновените нации, како што се Полска и Романија, анектираат територии и ја презеле контролата врз Ромите. Кога Романија ја анектираше Трансилванија, десетици илјади Роми од австроунгарска контрола преминаа во романската држава и речиси веднаш организираа големи собири на Ромите. Тоа беше време кога се појави Јоргос Лазурица, кој стана лидер на ромската политика преку Генералниот сојуз на романските Роми. Преку неговото пишување и малку политичка саботажа, тој стана лидер во обединувањето на ромската популација во стабилна заедница. Со негови напори се одржа Меѓународниот конгрес за сите Роми чија цел беше да се организира обединет и стабилен Ромски народ.

Link: https://romskikutak.info/index.php/2023/05/02/planovi-za-stvaranje-drzave-za-rome-kraljevi-roma/?fbclid=IwAR0EqCtw10b_Gi0R3SQqVwksLFBz8ppqtfIxSEBbTO0pjfHob6B6OUMNpYY

FaLang translation system by Faboba

Од 5 Ноември 2022 достапен документарниот филм на СП БТР „Небо, Точак, Земја„ на Max TV и Max TV GO со пребарување –Видеотека

Сакам да речам

6-to Romano Čhavorikanoo muzikakoro festivali 
„Čhavorikano Suno 2022“ – SP BTR

6-ти Ромски Детски музички фестивал
„Детски Сон 2022„ – СП БТР

6th Romani Children's Music Festival
"Children's Dream 2022" - SP BTR

Momentalno Online

Имаме присутни 487 посетители кои го читаат ROMATIMES.NEWS

o Vakti

 booked.net

Најпопуларни

Golden Wheel - Entry Application Form

Flag Counter

Нашиот бројач брои од 13.01.2019
Брои исти посетители од кои земји го гледаат нашиот портал
Најдоле има вкупно колку е посетен порталот